Американскиот претседател Доналд Трамп денес упати закани дека „цела една цивилизација ќе исчезне вечерва“, во време кога истекува крајниот рок што тој го постави за постигнување договор за прекин на огнот со Иран.
„Цела една цивилизација ќе исчезне вечерва за никогаш повеќе да не се врати. Не сакам тоа да се случи, но веројатно ќе се случи“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
„Сепак, сега кога имаме целосна и тотална промена на режимот, каде што преовладуваат поинакви, попаметни и помалку радикализирани умови, можеби може да се случи нешто револуционерно прекрасно, кој знае? Ќе дознаеме вечерва, во еден од најважните моменти во долгата и комплексна историја на светот. Четириесет и седум години изнуда, корупција и смрт конечно ќе завршат“, додаде тој.
Претходно Трамп упати закани дека ќе ги бомбардира електраните и мостовите низ Иран доколку Техеран не го отвори Ормускиот Теснец и не постигне договор до вечер во 20 часот по Гринич.
Регионалните тензии ескалираа откако САД и Израел започнаа заедничка офанзива врз Иран на 28 февруари, во која досега загинаа над 1.400 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што има американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата и нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.




