Трамп со поддршка за лидерката на француската крајна десница Ле Пен која е осудена за проневера

 Трамп ја нарече пресудата против Ле Пен „лов на вештерки“ – фраза што често ја користи и за истрагите и судските постапки што се водат против него – и порача: „Ослободете ја Марин ле Пен.

– Американскиот претседател Доналд Трамп изрази поддршка за лидерката на француската крајна десница Марин ле Пен откако беше осудена за проневера и доби забрана за учество на избори, јавува Анадолу.

Преку објава на социјалните мрежи Трамп ја нарече пресудата против Ле Пен „лов на вештерки“ – фраза што често ја користи и за истрагите и судските постапки што се водат против него – и напиша: „Ослободете ја Марин ле Пен.“

„Ова е ужасно за Франција и за големиот француски народ, без разлика на која страна се“, напиша Трамп и додаде: „Се користи ист ‘прирачник’ што го користеа против мене – група лудаци.“

Парискиот суд во понеделникот ѝ забрани на Ле Пен да се кандидира за функцијата пет години откако беше осудена за проневера на над 3 милиони евра од фондовите на Европската Унија за плаќање партиски кадар во Франција.

Судијата што ја водеше постапката оцени дека дејствата на Ле Пен претставуваат „сериозен и долготраен напад врз демократските правила во Европа, особено во Франција“.

Покрај петгодишната забрана за кандидирање, Ле Пен е осудена на четири години затвор (две условни), домашен притвор и парична казна од 100.000 евра.

Трамп, иако призна дека лично не ја познава Ле Пен, изрази восхит за нејзината упорност и додаде дека обвинението против неа било „сметководствена грешка“.

Ставовите на Трамп се усогласени со оние на неговиот главен финансиер на кампањата, Илон Маск, кој претходно оваа недела на X ја осуди пресудата за Ле Пен, наведувајќи: „Кога радикалната левица не може да победи на демократски начин, го злоупотребува правосудниот систем за да ги затвори своите противници.“

Администрацијата на Трамп и во минатото ги критикуваше нападите врз крајно десничарските политичари во Европа, вклучително и повторувањето на претседателските избори во Романија поради наводно руско мешање.

Маск, кој често е критикуван од европските власти, јавно ги поддржа крајно десничарските партии како Алтернатива за Германија (АфД) и предизвика контроверзии со изјавите дека во Велика Британија е „неизбежна“ граѓанска војна.

Тој и американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс отворено ги поддржуваат повеќето крајно десничарски фигури, меѓу кои и британскиот антиисламски активист Томи Робинсон.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости