Во рамките на операцијата со кодно име „Абстерго“, уапсени се 15 лица. Осомничените се под кривична истрага во МВР на Сараевскиот кантон.
Како што претходно објави Обвинителството на Кантонот Сараево, под истрага се неколку членови на Комисијата за полагање возачки испити, помошникот на министерот за образование на КС кој е задолжен за сообраќај и сопственикот на автошкола во Сараево.
Тие се обвинети за земање мито од кандидати кои полагале возачки испит.
Меѓу уапсените е и Кемо Жилиќ, помошник на министерката Наида Хоте-Муминовиќ, која е задолжена за Одделот за транспорт и образование.
Обвинителството сè уште не ги објави деталите за акцијата, а не е познато и од колку кандидати осомничените примиле мито за да го положат возачкиот испит.
На акцијата ѝ претходеше неколкумесечно следење на сомнителните активности на уапсените лица.





