(ВИДЕО) Ердоган на Самитот во Доха: „Израел продолжува со масакри и нестабилност во регионот, исламскиот свет има моќ да го запре“

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска одржа говор на Самитот во Доха, посветен на состојбите во Палестина и безбедноста во регионот.

„Пред нас е терористичка идеологија која се храни со хаос и крв, и држава која е нејзин одраз“, рече Ердоган, истакнувајќи дека израелската политика на експанзија и окупација создава нестабилност и страдања, особено во Палестина.

Турскиот претседател ја пофали мудроста и одлучноста на Емирот на Катар, шеик Тамим бин Хамад Ал Тани, и потенцираше дека Турција и натаму ќе стои цврсто до Катар како блиски и сојузнички земји.

Ердоган ги критикуваше израелските политичари за нивната опсесија со „Голем Израел“ и предупреди дека без силни меѓународни санкции и правни механизми, Израел ќе продолжи со окупацијата и дестабилизацијата на регионот.

„Исламскиот свет има средства да го спречи ова. Ние мораме да ја зајакнеме соработката во одбранбената индустрија, дипломатијата и економските притисоци. Турција веќе една и пол година ја стопира целата трговија со Израел, одбивајќи годишен износ од 9,5 милијарди долари“, додаде Ердоган.

Тој истакна дека поддршката на меѓународните правни процеси, вклучувајќи тужби за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, е од клучно значење за обезбедување на безбедноста и стабилноста во регионот.

„Сè додека не се воспостави држава Палестина во границите од 1967 година, со главен град Источен Ерусалим, ќе продолжиме со решителна борба. Во оваа племенита борба не можеме да прифатиме ниту прогон, ниту геноцид, ниту поделби“, заклучи турскиот претседател.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости