Во центарот на Белград, пред зградата на Народното собрание на Србија, 70-годишниот Владан А. извршил вооружен напад, при што е повреден еден минувач, а потоа е запален шатор на приврзаниците на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Според информациите објавени од властите, 57-годишната жртва е хоспитализирана и се наоѓа во стабилна состојба. Напаѓачот бил уапсен на лице место, а полицијата веднаш го обезбедила просторот околу парламентот.
„Драги граѓани на Србија, денеска пред Домот на Народното собрание на Република Србија, Владан Анѓелковиќ, роден 1955 година во Белград, изврши – ова е моја политичка проценка – ужасен терористички напад врз други луѓе и туѓ имот и предизвика општа опасност“, изјави претседателот Александар Вучиќ на прес-конференција.
Тој додаде дека конечната правна квалификација на делото ќе ја даде обвинителството.
„Ако сум во право, тоа ќе го направи Обвинителството за организиран криминал, ако не, тогаш Вишото јавно обвинителство во Белград“, рече Вучиќ.
Според неговите зборови, осомничениот поседувал пиштол уште од 1993 година, а во 2018 се ослободил од старото оружје и регистрирал ново – марка „Мелиор“, кое било стар модел. Вучиќ потврди дека Анѓелковиќ е пензионер.
На конференцијата беше прикажано и видео во кое уапсеното лице одговара на прашања на полицијата за мотивите на нападот.
Српската јавност е во шок по инцидентот, а безбедносните служби најавија засилено присуство на полицијата во центарот на Белград.





