Муцунски на Дипломатскиот Форум Анталија: Западен Балкан е суштински дел од иднината на Европа

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес се обрати на панел-дискусијата „Згрижување на регионот за просперитетна иднина на Балканот“, во рамките на 4. издание на Анталија Дипломатскиот Форум, кој се одржува во Анталија, Република Туркије, известува Анадолу.

Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна интеграцијата во Европската Унија како стратешка цел на државата, а унапредувањето на регионалната соработка како клучен приоритет на македонската надворешна политика. Тој порача дека Западен Балкан не е проблем што треба да се менаџира, туку регион подготвен за напредок – не периферија, туку суштински дел од европската сегашност и иднина.

Шефот на македонската дипломатија ја нагласи потребата од јасен и опиплив пат напред кон полноправно членство во Европската Унија, како и значењето на регионалната политичка, економска и безбедносна одговорност. Во тој контекст, се осврна и на трагедијата во Кочани, посочувајќи ја како пример за важноста на блискоста со соседите и силата на солидарноста.

Министерот Муцунски посебно го нагласи значењето на вложувањето во човечкиот капитал, јакнењето на конкурентноста на приватниот сектор и промоцијата на регионалните вредносни синџири како предуслов за одржлив раст.

„Само со ваков пристап можеме да спречиме одлив на млади, да поттикнеме циркулација на знаење и да изградиме долгорочна економија заснована на иновации и знаење“, истакна Муцунски.

Муцунски ја подвлече и улогата на Соединетите Американски Држави како значаен партнер кој обезбедува поддршка не само за безбедноста и политичката стабилност, туку и за економскиот развој на регионот.  

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости