🌋 Моќна ерупција на вулканот Поас во Костарика

 Според Волканолошко-сеизмолошката опсерваторија на Костарика (ОВСИКОРИ), ерупцијата траела 10 минути, а пепелта достигнала 4.708 метри надморска височина

 Вулканот Поас во Костарика предизвика најинтензивна ерупција оваа година, исфрлајќи пепел и гас што достигна височина над 2.000 метри над кратерот, јавува Анадолу.

Според податоците на Волканолошко-сеизмолошката опсерваторија на Костарика (ОВСИКОРИ), ерупцијата траела 10 минути, а пепелта достигнала 4.708 метри надморска височина. Поради силниот ветер пепелта се проширила и била забележана во неколку региони, меѓу кои Зарсеро, Гресија, Алахуела, Хередија и Сан Хозе.

Експертите од ОВСИКОРИ предупредуваат на зголемена сеизмичка активност и високо ниво на емисии на сулфур диоксид – повеќе од 600 тони дневно, што укажува на можност за нови ерупции. Вулканологот Жефроа Авард објасни дека активноста е поттикната од езеро во кратерот, познато како Лагуна Калиенте.

Националната комисија за вонредни состојби (CNE) ја продолжи портокаловата тревога за Националниот парк „Поас“, кој е затворен за посетители од 28 март, а зелената тревога останува активна за околните општини. Надлежните им препорачаа на жителите да носат маски Н95 и да останат во затворен простор за да избегнат здравствени ризици.

Наедно упатија остро предупредување за нелегално приближување до кратерот поради нестабилен терен и присуство на токсични гасови.

И американската амбасада во Сан Хозе ги советуваше граѓаните да го избегнуваат подрачјето сè додека не се подобрат условите.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости