Ви го пренесуваме во целост потресниот тестамент на познатиот дописник на Ал Џезира од Газа, Енас ал-Шариф, кого ционистичкиот режим го уби само 19 дена по заканите за атентат.
На официјалната страница, уредништвото ја објави неговата последна порака и аманет, запишани пред неговата смрт.
„Ова е мојот тестамент и мојата последна порака.
Ако овие мои зборови ви стигнат, знајте дека Израел успеал да ме убие и да го замолчи мојот глас.
Мир вам, милоста и благословот на Аллах.
Аллах знае дека ја вложив целата своја сила и труд за да бидам потпора и глас на мојот народ, од моментот кога ги отворив очите на улиците и сокаците на бегалскиот камп Џебалија. Се надевав дека Аллах ќе ми го продолжи животот за да се вратам со моето семејство и моите најблиски во нашиот роден, окупиран град Ашкелон, познат и како Ел-Меџдел. Но, волјата на Аллах беше посилна и Неговата пресуда неизбежна.
Ја доживеав болката во сите нејзини облици, ја вкусив маката и загубата многу пати, но никогаш не се поколебав во пренесувањето на вистината – без лаги и искривувања, надевајќи се дека Аллах ќе биде сведок против оние што молчеа, што го прифатија нашето убивање, што го гушат нашиот здив без да им затрепери срцето од разрушените тела на нашите деца и жени, и кои не го запреа масакрот кој трае повеќе од една и пол година.
Ви ја доверувам Палестина – скапоцениот камен на круната на муслиманите и пулсот на срцето на секој слободен човек во светот.
Ви ги доверувам нејзините луѓе и нејзините невини деца, неправедно убиени, на кои не им беше дозволено да сонуваат и да живеат во безбедност и мир.
Нивните чисти тела беа здробени од илјадници тони израелски бомби и ракети, распрскани по ѕидовите.
Ве повикувам да не дозволите синџирите да ве замолчат, ниту границите да ве ограничат, туку да бидете мост кон ослободувањето на земјата и нејзиниот народ, сè додека сонцето на честа и слободата не засвети над нашата ограбена земја.
Ви го доверувам моето семејство, мојата сакана ќерка Шам, која животот не ми дозволи да ја гледам како расте како што сонував.
Ви го доверувам мојот сакан син Салах, кому сакав да му бидам поддршка и сопатник додека зајакне, за да ја преземе мојата мисија и да ја продолжи пораката.
Ви ја доверувам мојата сакана мајка, чии молитви ме носеа и чија светлина беше мој пат. Го молам Аллах да ѝ ја олесни болката и да ја награди на најубав начин.
Ви ја доверувам мојата животна сопатничка, мојата сопруга Ум Салах Бајан, од која војната ме раздели на долги денови и месеци, но која остана цврста како маслиново дрво што не се свиткува – трпелива и верна, која го носеше товарот на одговорноста во моето отсуство.
Ве повикувам да бидете со нив и да им бидете потпора, после Аллах, Семоќниот и Возвишениот.
Ако умрам, умирам цврст во верата, сведочам пред Аллах дека сум задоволен од Неговата пресуда, верувам во средбата со Него и сум сигурен дека она што е кај Аллах е подобро и вечно.
О, Аллах, прими ме меѓу мачениците, прости ми ги моите минати и идни гревови и направи мојата крв да биде светлина која ќе го осветлува патот на слободата за мојот народ и моето семејство.
Простете ми ако сум згрешил, молам да ме споменете во вашите молитви за милост, бидејќи останав верен на своето ветување, не се променив ниту изневерив.
Не ја заборавајте Газа…
И не ме заборавајте во своите искрени молитви за прошка и прифаќање.“
Енес Џемал ел-Шериф
06.04.2025
Ова е пораката која драгиот и сакан Енас побара да се објави по неговото маченишство/шехидство.
Уредништво на страницата на Енес Ел-Шериф





