Европската Унија првпат назначи воен советник во Турција, што се смета за важен чекор во продлабочување на безбедносната и одбранбената соработка меѓу двете страни.
Според турската информативна агенција TurDef, специјализирана за одбранбени прашања, за нов воен советник е именуван полковникот Адам Гржимковски, поранешен воен аташе на Полска во Анкара. Тој ќе биде дел од тимот на шефот на Делегацијата на ЕУ во Турција.
Неколку европски земји, меѓу кои и Германија, поддржуваат подинамичен и стратешки дијалог со Анкара во областа на одбраната, вклучително и соработка во развојот и јакнењето на производствените капацитети на одбранбената индустрија – особено по руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Западен официјален претставник изјави дека, согласно принципот на реципроцитет, и Турција ќе може да назначи свој советник за одбрана во мисијата на Турција при ЕУ во Брисел.





