Прокуратурата во Милано отвори истрага за наводниот „снајперски туризам“ во Сараево за време на војната во Босна, пишува The Guardian. Италијанските истражители проверуваат информации дека граѓани од Италија и други европски земји плаќале на српски војници за да добијат можност да пукаат по цивили во опсадениот град.
Истрагата се однесува на 1990-тите години, во периодот на четиригодишната опсада на Сараево (1992–1996), кога градот постојано беше под артилериски и снајперски оган, а беа убиени над 10.000 луѓе. Овој период е запаметен како најдолга опсада во современата европска историја.
Според обвинителот Алесандро Гоби, целта е да се утврдат идентитетите на Италијанците осомничени за учество во убиства со особена суровост и од низок мотив.
Истрагата започнала по пријавата на миланскиот писател Ецио Гаваццени, кој собрал сведоштва и докази, како и по официјален извештај од поранешниот градоначалник на Сараево, Бењамин Кариќ.
Гаваццени објаснува дека наводите за „лов на луѓе“ ги следи уште од публикации од 1990-тите, но сериозно се зафатил со случајот по документарниот филм „Sarajevo Safari“ (2022) од словенечкиот режисер Миран Зупанич. Во филмот поранешен српски војник тврди дека западни државјани пристигнувале во зоната на опсадата за да пукаат по цивили од околните ридови. Српските ветерани категорично ги негираат овие обвинувања.

„Учесници имало многу – Италијанци, Германци, Французи, Британци… луѓе од различни западни земји кои плаќале големи суми за да добијат можност да пукаат по цивили“, вели Гаваццени. Тој нагласува дека не станува збор за политички или религиски мотиви, туку за богати луѓе, љубители на оружје и екстремни „сафари“ искуства.
Според него, организираната мрежа ги пречекувала клиентите во Трст, преку Белград ги носела во Босна, а потоа борци на Армијата на Република Српска ги придружувале до позиции на ридовите околу градот. „Тоа беше вистински трафик на воени туристи. Јас го нарекувам рамнодушност кон злото“, вели писателот.
Неколкумина осомничени Италијанци веќе се идентификувани и ќе бидат повикани на распит во следните недели. Адвокатот Николо Бриджида, кој му помагал на Гаваццени, вели дека доказите се „убедливи и можат да доведат до сериозна кривична постапка“.
Опсадата на Сараево остави бројни трагични приказни, меѓу кои најпозната е убиството на Бошко Бркиќ и Адмира Исмиќ, познати како „Ромео и Јулија од Сараево“. Тие беа застрелани во 1993 година додека се обидувале да преминат мост меѓу двете линии на фронтот.
Главната градска сообраќајница – булеварот Меша Селимовиќ -тогаш беше познат како „Алејата на снајперите“, место каде секојдневно гинеа цивили кои се обидуваа да стигнат на работа или до аеродромот.





