Бројот на загинати во тешката железничка несреќа на југот на Шпанија се искачи на најмалку 39 лица, соопшти шпанската полиција. Несреќата се случи во општината Адамуз, кога брз воз што сообраќал на релација Малага – Мадрид излетал од шините и преминал на соседниот колосек, каде во истиот момент се движел друг воз на линијата Мадрид – Хуелва. Поради тоа, дошло до директен судир и излетување од шините на двата воза.
Во двата воза се наоѓале неколку стотици патници. Непосредно по несреќата беше потврдено дека има 10 загинати, потоа бројката се зголеми на над 20, а најновиот официјален биланс говори за најмалку 39 жртви. Спасувачките екипи сè уште извлекуваат патници од вагоните.
Според надлежните служби, во болници се пренесени вкупно 152 лица. Од нив, пет се во критична состојба, 24 се тешко повредени, додека останатите 123 имаат полесни, но различни степени на повреди.
Железничкиот сообраќај меѓу Мадрид и Андалузија е целосно прекинат, а повеќе други возови се пренасочени. Регионалната влада на Андалузија прогласи вонредна состојба, додека голем број итни служби се на терен и продолжуваат со спасувачките и медицинските активности.





