Како централен дел од таа изложба, изложени се реконструираниот ран изглед на страницата за гледање видеа на YouTube и најважниот артефакт – првото видео некогаш поставено на YouTube, снимено од еден од коосновачите на платформата, Џавед Карим.
Видеото, насловено како „Јас во зоолошката градина“, го прикажува Карим, тогаш 25-годишен, како зборува за долгите сурли на слоновите во краток клип од 19 секунди во зоолошката градина во Сан Диего. Клипот собра стотици милиони прегледи и милиони лајкови откако беше првпат објавен на 23 април 2005 година и се смета за пресвртница во историјата на онлајн содржините и видеата генерирани од корисници.
Во музејот, тим експерти поминал приближно 18 месеци реконструирајќи го интерфејсот и искуството на YouTube од 8 декември 2006 година, најраниот датум за кој постојат документирани верзии на оригиналната страница.
Проектот беше имплементиран со поддршка на тимот за корисничко искуство на YouTube и интерактивните работилници за дизајн во Лондон, за посетителите да можат да видат како изгледала платформата во нејзините пионерски денови.
Изложбата и реконструираното видео се дел од галеријата „Дизајн 1900-Сега“ во музејот „В&А Саут Кенсингтон“, а процесот на нивно изработка ќе биде понатаму прикажан на помали изложби во складиштето „В&А Ист“ во Стратфорд.
Според директорот на YouTube, оваа изложба не е само прикажување на едно видео, туку покана до публиката да се врати во времето кога започнал глобалниот културен феномен на креирање и споделување дигитална содржина.





