Поранешниот британски премиер Борис Џонсон ја нарече јавната истрага за Ковид-19, во која во наодите објавени во четвртокот беше критикувано неговото справување со пандемијата, „очајно неповрзана“.
Критика на истрагата за пандемијата
Според таа истрага, околу 23.000 смртни случаи можеле да бидат избегнати во Англија доколку карантинот бил воведен порано на почетокот на пандемијата.
„Хаосот“ што владееше во тогашната конзервативна влада на Борис Џонсон е осуден.
Британските власти, а особено извршната власт предводена од Борис Џонсон, ја сфатија сериозноста на вирусот предоцна, заклучува истрагата.
„Повеќе од три години по завршувањето на пандемијата, тие сè уште се расправаат за тоа што тргнало наопаку“, напиша Борис Џонсон во својата колумна во таблоидот „Дејли меил“.
„И понатаму длабоко жалам за грешките направени од владата што ја водев и сум полн со сочувство за сите оние што страдаа“, додаде тој.
„Сè што можам да кажам е дека сите вклучени дадоа сѐ од себе, во особено тешки околности.“
Џонсон ги отфрла заклучоците
Џонсон ги оцени заклучоците од јавната истрага како „збунувачки“ и „очајно неповрзани“.
Тој вели дека истрагата не успеала да одговори на две клучни прашања: „Од каде дојде вирусот? И дали карантините вредеа за ужасната цена што ја плативме?“
Група што ги обединува семејствата чии членови починале од Ковид-19 во петокот повика на укинување на сите финансиски и институционални бенефиции што ги уживаше поранешниот премиер.
„Неприфатливо е од ожалостените семејства да се очекува да го субвенционираат начинот на живот на човек чии одлуки доведоа до смртта на нашите најблиски“, рекоа тие.
Обединетото Кралство регистрираше 226.000 смртни случаи поврзани со пандемијата, што е една од најлошите европски статистики.





