По нападите на 11 септември 2001 година, американските конзервативци долго време го гледаа исламот како закана за западните слободи. Но, во последно време оваа тенденција почнува да се менува, пишува The Washington Post. Сè повеќе десничарски инфлуенсери во САД покажуваат интерес за исламот и позитивно зборуваат за него.
Кендис Овенс цитирала делови од Куранот, Ник Фуентес ги осудувал антимуслиманските ставови, додека Такер Карлсон пофално зборувал за шеријатските закони. Она што порано се сметало за закана, денес кај дел од американската десница сè почесто се гледа како можен сојузник.
Некои десничарски влијателни личности отишле и чекор понатаму — го прифатиле исламот. Меѓу нив се инфлуенсерот Ендру Тејт и стримерот Sneako, кои го изговориле шахадетот, исламското сведоштво на верата. Тие исламот го претставуваат како противотров за, како што велат, моралниот пад на Западот.
Други, пак, во исламот гледаат модел до кој би можеле да се приближат и христијаните доколку се оддалечат од либералните вредности.
Такер Карлсон е посочен како еден од највпечатливите примери на овој нов тренд. Според него, Западот се соочува со „епидемија на бело самоубиство“ поради падот на наталитетот и губењето на довербата во сопствената цивилизација. Од друга страна, земјите од арапскиот свет, според него, имаат поголема самодоверба во својата култура и цивилизациски вредности.
Ник Фуентес смета дека многу мажи на Западот ги привлекуваат исламските правила поврзани со семејството, бракот и улогите на мажите и жените во општеството.
Кај дел од десничарските кругови, исламот сè повеќе се гледа и како противтежа на, како што велат, експлоататорскиот капитализам и грешките на американската надворешна политика.
Фуентес ги повикал муслиманските земји да ѝ се спротивстават на американската политика.
„Америка е либерална империја која го контролира светот. А ние сме непријатели на тој либерален поредок“, изјавил тој.
Во тој контекст, авторот потсетува и на изјава на поранешен шеф на британската разузнавачка служба MI6, кој рекол дека „ништо толку не нè разликува од Путин како ЛГБТ+ правата“.
Според текстот, не сите на Западот сметаат дека тоа споредување оди во нивна корист.





