Ал-Карауин и Ал-Азхар се најстарите универзитети во светот

Рускиот весник „Российская газета“ објави листа на 20-те најстари универзитети во светот кои непрекинато функционираат до денес. На врвот на листата се најдоа познатите универзитети од исламскиот свет — мароканскиот Универзитет Ал-Карауин и египетскиот Универзитет Ал-Азхар.

Гинисова книга на рекорди го признава Ал-Карауин за најстар постојано активен универзитет во светот. Основан е во 859 година во градот Фес, во Мароко, од страна на Фатима ал-Фихри, жена со потекло од Тунис. Таа го финансирала проектот со наследството што го добила од својот татко, богат трговец.

Во Средниот век, Ал-Карауин одиграл значајна улога во развојот на културните врски меѓу христијанска Европа и исламскиот свет и се смета за еден од моделите врз кои подоцна биле создадени современите универзитети.

На овој универзитет студирале бројни истакнати личности, меѓу кои географот и картограф Ал-Идриси, чии карти подоцна ги користеле европските патеписци, потоа Ибн Халдун, кој се смета за татко на социологијата, еврејскиот филозоф и лекар Мајмонид, папата Папа Силвестер II, како и Лав Африкански.

Во XII век, универзитетот имал околу 8.000 студенти, а Ал-Карауин не бил единствениот универзитет во Мароко и Андалузија во тоа време. Освен богословија, таму се изучувале и реторика, граматика, логика, медицина, математика, астрономија, хемија, историја и други науки.

Библиотеката на универзитетот и денес чува вредни ракописи, меѓу кои „Муватта“ од Имам Малик, оригинални дела од Ибн Халдун и „Сира“ од Ибн Исхак.

Како втор најстар универзитет во светот е наведен Ал-Азхар, кој и денес важи за една од најпрестижните исламски образовни институции. Основан е во 970 година како медреса при џамијата Ал-Азхар во Каиро, Египет.

На Ал-Азхар студирале личности како Ибн Халдун, египетскиот поет Умар ибн ал-Фарид, како и арапскиот математичар, физичар и астроном Ибн ал-Хајсам.

Меѓу поновите познати дипломци се индискиот муфтија Ахтар Реза Хан, нигерискиот бизнисмен Алико Данготе, египетскиот исламски научник Абдул-Халим Махмуд и поранешниот индонезиски претседател Абдул-Рахман Вахид.

Дури во 1961 година на Ал-Азхар биле воведени и световни факултети, на кои почнале да се изучуваат трговија, инженерство, филологија, медицина, фармација и други науки.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости