Украинскиот претседател Володимир Зеленски и францускиот лидер Емануел Макрон денес во воздухопловната база Вилакублеј потпишаа писмо за намери, кое Зеленски го нарече „историски договор“ што ја поставува рамката за долгорочна безбедносна и воена соработка меѓу двете земји.
Содржината на документот засега не е целосно објавена, но Зеленски истакна дека договорот ќе резултира со „најголемиот систем за воздушна одбрана во светот“. Потпишувањето се одржа на пистата на базата, пред борбени авиони и системи за ПВО.
Елисејската палата соопшти дека Украина ќе купи до 100 француски авиони „Рафал“, како и дополнителна опрема за воздушна одбрана и беспилотни летала.
Претходно, Ројтерс јави дека со договорот се предвидува и испорака на системи за воздушна одбрана, воени авиони и ракети – тема за која двете земји водеа интензивни преговори со недели.
На 24 октомври, по состанокот на „Коалицијата на подготвените“, Макрон веќе најави дека Франција ќе ѝ достави на Украина дополнителни ловци „Мираж“ и муниција „Астер“ за системите за воздушна одбрана SAMP/T.





