Градот Скопје од денеска воведува забрана за фрлање отпад во контејнерите во периодот од 22 до 6 часот наутро. Одлуката, која беше усвоена на последната седница на Советот на Град Скопје, има за цел да му помогне на ЈП „Комунална хигиена“ во поефикасно одржување на чистотата.
За прекршување на забраната ќе се изрекуваат казни од 50 евра за граѓаните, а за правните лица предвидени се санкции поголеми од 1.300 евра.
Од Градот истакнуваат дека инспекциските служби постојано ќе бидат на терен за следење на спроведувањето на мерката. Во првите неколку месеци, наместо казни, ќе се издаваат само опомени.
Градските власти појаснуваат дека во повеќето големи градови постојат определени термини за исфрлање отпад. Според динамиката на работа на „Комунална хигиена“, доколку садовите се наполнат по 22 часот, отпадот останува во нив целата ноќ и следниот ден, што го отежнува одржувањето на градската хигиена.
„Комунална хигиена не може да празни контејнери кога има голема гужва во градот, поради што е определен конкретен термин за собирање на сметот“, соопштуваат од Град Скопје.





