Христијаните и муслиманите се здружија во Пакистан за да се молат за мир

Меѓурелигиска средба во Лахор ги обедини христијаните и муслиманите за време на Великиот пост и Рамазан со заедничка молитва за крај на граничното насилство меѓу Пакистан и Авганистан и обновување на посветеноста на мирот.

Собирот се одржа во „Центарот за мир“, а учесниците се собраа и во познатата Бадшахи џамија, каде упатија молитви за стабилност и прекин на конфликтите што го обележуваат секојдневието на пограничните области.

Отец Асиф Сардар, генерален викар на Лахорската надбискупија, истакна дека средбата е „знак на мир и единство во време на војна“. Според Агенција Фидес, настанот бил опишан како „сон“ – сведоштво за можната хармонија меѓу двете верски заедници. Во рамки на средбата бил организиран и заеднички ифтар.

Доминиканецот отец Џејмс Чанан, раководител на Центарот за мир, заедно со имамот Абдул Хабир Азад, порачаа дека верата треба да биде „мост на единство, а не ѕид на поделба“, нагласувајќи ги заедничките вредности на постот, молитвата и милосрдието во Рамазан и Великиот пост.

Паралелно, католичката заедница во Лахор одржа поворка со свеќи и молитвено бдение за мир, предводени од отец Кајсар Фероз од Католичката бискупска конференција на Пакистан. Тој го осуди насилството и повика на дијалог и прекин на огнот, нагласувајќи дека „мирот мора да биде заедничка цел на целото човештво“.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости