Психолошката војна почнува: Русија ја активира „нултата фаза“ пред судирот со НАТО

Русија со години се подготвува за можна војна со Северноатлантската алијанса и сега е во „нулта фаза“, според аналитичарите во Институтот за проучување на војната (ISW).
Според германското списание „Фокус“, на ова укажуваат одредени активности на руските власти. Нултата фаза, велат тие, има за цел да влијае врз населението на Западот и да го подготви теренот за следните фази од конфликтот.

Аналитичарите на ISW предупредуваат дека Русија ги зголемила своите провокации кон земјите-членки на НАТО.

„Во последните години, Русија се вклучи во голем број отворени и тајни напади врз земјите од Алијансата, вклучувајќи саботажи, електронско војување, попречување на GPS сигналите и подметнување на пожари“, велат експертите. Во текот на изминатите недели, овие напади се интензивираа – вклучително и употребата на беспилотни летала и борбени авиони кои влегуваат во воздушниот простор на земјите од НАТО, пишува Фокус.

Според ISW, сето ова е дел од „нултата фаза“. Се тврди дека целта на Русија е да всади страв кај европското население, така што чувството на опасност од војна ќе стане сеприсутно.

Дел од планот, според аналитичарите, е Западот да престане да ја поддржува Украина поради страв од руски напади и да се фокусира на зајакнување на сопствената одбрана. На овој начин, Москва се обидува да ги принуди своите противници да донесуваат одлуки што би и користеле на долг рок.

Друг показател дека Русија се подготвува за поширок конфликт, според ISW, е реорганизацијата на нејзината војска. Извор близок до Кремљ изјави дека рускиот претседател Владимир Путин планира да формира стратешка резерва. Експертите го толкуваат ова како знак дека Путин не бара краткорочно решение или брз крај на војната во Украина, туку дека го гледа конфликтот со Западот како долгорочен процес.

Се додава дека своја улога има и руската разузнавачка служба СВР, која неодамна објавуваше предупредувања за наводни операции што подоцна би можеле да ѝ се припишат на Русија. Најнов пример е соопштението на СВР од понеделник, во кое тие тврдат дека Велика Британија, заедно со проукраинските Руси, планира напад врз брод на украинската морнарица или цивилен брод во едно од европските пристаништа.

Според СВР, Русија тогаш би била обвинета за тој напад, а Британците дури би ја користеле кинеската технологија за да ја обвинат Кина дека ја поддржува Русија во борбата против Украина.

ISW забележува дека неодамна имало многу слични тврдења во врска со можни напади врз Полска, Молдавија или Србија. Аналитичарите веруваат дека на овој начин Русија води психолошка војна насочена пред сè кон сопственото население – со цел „да се оправда можна идна агресија против НАТО и да се обезбеди јавна поддршка за ваквите акции“.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости