ВИДЕО: Моќни експлозии во фабрика за пиротехника во Малта

Долга експлозија, проследена со серија помали, ја потресе областа Салина на Малта утрово, откако експлодираше фабрика за огномет, исфрлајќи густ столб чад високо во воздухот.

Експлозијата во фабриката во Лурд на патот Трик ил-Кади ги оштети блиските згради, а двајца земјоделци, на возраст од 47 и 67 години, кои работеле на блиските полиња, претрпеа полесни повреди и беа хоспитализирани поради шок.

Полицијата потврди дека сите работници во фабриката и станарите од соседството се безбедни, пишува „Тајмс оф Малта“ .

Првата детонација одекнала околу 6:30 наутро, а столб од чад бил видлив од многу делови на островот. Бројни жители од централните и северните делови на земјата пријавиле дека почувствувале силен удар. Патот Triq is-Salini, кој го поврзува Салина со Наксар, бил затрупан со големи камења, при што наводно полесно е повреден доставувач на храна, а оштетени се и неколку автомобили. Возачите се повикани да го избегнуваат тоа подрачје.

Жителите од околината биле евакуирани бидејќи помали експлозии продолжиле со часови по првичните детонации. Сопственици на блиски фарми изразиле загриженост за безбедноста на своите крави и друга стока, но им било кажано дека не можат да ги проверат животните додека подрачјето не биде прогласено за безбедно. Информации за угинати животни засега не можеле да бидат потврдени.

„Изгледаше како и ние да ќе експлодираме“
Едвард Мерсиека, сопственик на театар во блискиот Мгабтаб, изјавил дека го разбудиле три последователни експлозии. Детонациите му ја искршиле бравата на куќата, како и вратите од театарот и канцеларијата.

„Изгледаше како некој со чекан голем колку камион да удри во ѕидот на мојата куќа“, изјавил тој. „Облак од чад сигурно бил висок околу триста метри.“

Поранешната пратеничка Клодет Бутиџиеж сè уште спиела кога одекнала првата експлозија. „Звучеше како еден од оние големи огномети за празници. Со сопругот за момент се прашувавме дали се пука огномет толку рано наутро“, рекла таа.

„Станавме да видиме што се случува, а потоа следеше втора експлозија.“ Иако живее во подалечно место Сан Павл тат-Тарга, експлозијата им ги затресла прозорците. „Не се шегувам, видов како алуминиумските панели се виткаат и повторно се враќаат. Толку силна беше втората експлозија“, сведочела таа. „Во еден момент помислив дека сè ќе се сруши врз мене. Изгледаше како и ние да ќе експлодираме.“

Во блиските куќи, па дури и во далечната Кавра, попукале стакла. „Куќата се тресеше од експлозијата“, рекол жител на Бахар иќ-Чагаќ. Еден читател од Сан Гван опишал низа настани: „Слушнав една експлозија, како пробна. По триесетина секунди следеа огромни експлозии со долго бучење. Вратите од гаражата и зградата се тресеа.“

Во пансионот White Star, сместен во близина, експлозијата ги разнела вратите. Гостите спиеле во собата кога детонацијата ги скршила стаклените врати и ги затрупала со парчиња стакло.

Значителна штета на блиските фарми

Фондацијата MaYA, која соработува со земјоделци, изразила олеснување што никој не е потешко повреден, но пријавила „значителна штета“ на фармите.

„Во текот на изминатите часови бевме во контакт со земјоделци и сточари од околното подрачје кои пријавија значителна штета на своите имоти. Тоа вклучува структурни оштетувања, губење на стока и тешки последици за животните погодени од силата и стресот предизвикан од експлозиите“, наведуваат од фондацијата.

„За земјоделците и одгледувачите, животните не се само бројки. Тие претставуваат години посветеност, секојдневна грижа, емоционална врзаност, а во многу случаи и егзистенција на цели семејства. Таквите загуби не можат да се мерат само финансиски“, стои во соопштението.

Фондацијата апелирала надлежните институции, штом подрачјето биде безбедно, да излезат на терен, да ја проценат штетата и да обезбедат потребна помош за погодените семејства.

Истата фабрика и претходно експлодирала

Истата фабрика за пиротехника експлодирала и пред осум години, во мај 2018 година, кога двајца мажи се здобиле со тешки повреди.

Времето на денешната експлозија, еден ден по објавувањето на резултатите од општите избори, потсетило на два слични трагични настани. Во март 1992 година, мајка и нејзиното бебе загинале кога силна експлозија во фотографска продавница урнала станбена зграда и седиштето на Лабуристичката партија во Паола. Во март 2008 година, една жена загинала кога нејзиниот стан се урнал по експлозија од нелегална пиротехника што се произведувала во соседна гаража. Тогаш животот го загубил и мажот кој ракувал со експлозивот.

 

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости