Стојанче Јовановски, сопруг на 31-годишната жена, која заедно со своето 6-годишно дете починаа по пад од балкон во Карпош, молчејќи и со правење гримаси влезе во суд. Беше прашан дали станал поголем маж со насилството кое седум години го трпела Ивана, како што тврди Обвинителството – но не одговори. За него судот извести дека останува во притвор уште осум дена.
Стојанче Јовановски молчеше на прашањата дали чувствува вина, а кога беше прашан „како можевте седум години да малтретирате жена“, само мавташе со главата.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи притвор за него, осомничен за наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста, во врска со трагедијата во Карпош, при која починаа Ивана Јовановска и шестгодишната ќерка Катја.
Обвинителството тврди дека од 2019 до 2 март, во текот на бракоразводната постапка, тој континуирано ја малтретирал, тепал и понижувал Ивана, нанесувајќи ѝ видливи повреди. Насилството се интензивирало во 2025 и 2026 година, што довело до тоа Ивана да се чувствува без излез и да скокне од балконот со својата ќерка, двете настрадувајќи на лице место.





