Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Русија извршила масовен ноќен напад врз Украина, при што биле лансирани над 70 ракети, од кои речиси половина балистички, како и околу 500 ударни дронови, меѓу кои и реактивни „Shahed“ дронови. Главниот удар бил насочен кон Киев.
Според официјалните податоци, во нападите загинале 13 лица, а повеќе од 90 се повредени.

Штети се регистрирани на повеќе од 20 локации низ главниот град, главно станбени згради, но погодени се и амбулантна станица, научен институт, хотел и деловни објекти. Напади биле извршени и врз регионите Харков, Суми, Днипро, Запорожје и Черкаси.
Украинската противвоздушна одбрана пресретнала значаен дел од проектилите и дроновите, но не сите.
Зеленски оцени дека воздушната одбрана е „апсолутно клучно и критично прашање“, повикувајќи ги партнерите да учествуваат во програмата PURL и изрази надеж за одлука од САД во врска со лиценци за системите „Patriot“ и за заедничко производство на антибалистички системи, истакнувајќи дека тоа може да помогне да се запрат вакви напади и војната.





