Гаши: Геноцидот во Сребреница е колективна траума на целото општество

„Друга Сребреница, дури и со многу поголеми размери, денес се случува во Газа каде што еден народ е изложен на физичко истребување и умира не само од куршуми и гранати, туку и од недостаток на храна“, рече Гаши.

Геноцидот во Сребреница е колективна траума, не само на Бошњаците, жртви на геноцидот, туку и на целото човештво. Ова е пораката којашто денес ја упати претседателот на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши во своето обраќање на отворањето на Конференцијата за меѓународнот право, политика и сеќавање, по повод 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, која се одржува во Фондацијата за балкански студии во Скопје.

„Повеќе од 8.000 неправедно згаснати животи не се само тажна историја на Сребреница, туку се над 8.000 приказни на болка, над 8.000 човечки драми на луѓе што беа убиени без никаква вина, стотици деца што го испуштија последниот здив без капка вода, стотици жени што починаа обидувајќи се да ги спасат своите деца, и стотици старци што починаа надевајќи се на подостоинствена смрт и надгробен споменик над главата. Ова е колективна траума, не само на Бошњаците, жртви на овој геноцид, туку и на целото човештво. Но, ова е и силен повик за правда и за размислување“, рече Гаши во својот говор.

Тој нагласи дека на 30-годишнина од геноцидот во Сребреница, пред сѐ, сака „да се потсетиме и да им оддадеме почит на жртвите кои на непростлив начин ги загубија своите животи.“

„Тие засекогаш ќе останат во нашата меморија и во совеста на човештвото. Нивниот спомен е темелот врз кој треба да ја изградиме нашата морална одговорност. Кога ја посетуваме гробницата во Поточари, чувствуваме дека секој камен таму нѐ укорува што животот на некој беше угаснат немилосрдно – само затоа што неговата етничка и верска припадност се најде на „погрешно место“ и во „погрешно време“. Мртвата тишина на Поточари е крик на човечката совест и вресок што ја повикува светската јавност да сфати колку малку рамнодушност му е потребна на Луцифер за да претвори еден „мал инцидент“ во геноцид“, потенцираше Гаши.

Меѓу другото, тој додаде дека за жал, Сребреница не е последна.

„Друга Сребреница, дури и со многу поголеми размери, денес се случува во Газа каде што еден народ е изложен на физичко истребување и умира не само од куршуми и гранати, туку и од недостаток на храна. Очигледно, Сребреница не беше доволна за Луцифер, и изгледа, нема да биде доволна ни Газа.И затоа, на оваа годишнина на нашата Сребреница, морам да нагласам дека одбележувањето на овој геноцид е важен момент за да се докаже дека вистината и правдата немаат рок на траење. Ниту еден од нас не смее да биде рамнодушен кон ваков геноцид. Во однос на геноцидот, говорот на омраза, историскиот релативизам и заканите за мирот, сите имаме морална и политичка обврска да не дозволиме минатото да биде замолчено, фалсификувано и, не дај Боже, заборавено“, нагласи Гаши.

Според него, геноцидот не е прашање што му припаѓа само на еден народ, ниту е сопственост на минатото. Гаши подвлече дека геноцидот е порака за сегашноста и иднината, како и дека затоа, нашата задача не е само да се сеќаваме, туку и да размислиме, да зборуваме и да извлечеме поука.

„За жал, „другиот“ на Балканот, а тоа е Бошњакот или Албанецот веќе еден век ги брои камењата на гробовите, додека многу од тие жртви сѐ уште немаат ни надгробна плоча. Ќе ве потсетам на една друга подеднакво потресна случка како Сребреница. Пред 25 години, на 17 април 1999 година, геноцидните сили на Милошевиќ влегоа во селото Поклек, во Дреница, Косово и убија 53 Албанци, меѓу кои и 24 деца. За да ги прикријат трагите, нивните тела ги палеа неколкупати – така што денес нивните посмртни останки се закопани во една заедничка гробница. Тоа е судбината на „другиот“ во еден простор контаминиран со омраза во доцниот балкански век“, истакна Гаши.

И, еве нѐ повторно овде – три децении по Сребреница и две и пол по Поклек – да се запрашаме: дали направивме доволно за да изградиме Балкан каде што правдата и мирот триумфираат над негирањето и омразата? Дали воспитавме генерации што учат за Сребреница не само како мрачно поглавје, туку и како животна лекција за иднината? Дали изградивме дијалог и мостови на разбирање или ги охрабривме наративите што поттикнуваат омраза и поделби? Дали успеавме да излеземе над нашите тесни идентитетски припадности и да се најдеме во заедничката припадност кон Божјите созданија, создадени со љубов и повикани на одговорност? Овие прашања бараат не само искрени одговори, туку и конкретни дела“, порача Гаши.

Тој додаде и дека „ако сите без разлика на етничкиот и верскиот идентитет, како и без разлика на општествената позиција, бидат повнимателни и попосветени кон човечкиот живот и достоинство, убеден сум дека никогаш немаше да се случат ниту Сребреница, ниту Поклек, ниту Газа денес.“

„Колективната рамнодушност кон другиот, нашата ароганција што нѐ тера да мислиме дека „тоа не се случува во мојот двор“ и нашата небрежност, мислејќи дека секогаш имаме поважни работи од грижата за човекот – токму тие се оружјето и храната на Луцифер и луциферизмот, кои ги претвораат тие маани во човечки трагедии“, рече Гаши.

Според неговите зборови, на 11 јули 1995 година, не беа убиени само повеќе од 8.000 Бошњаци во Сребреница, туку „беше убиено и човештвото и човечноста.“

„Затоа, додека со почит им се поклонуваме на жртвите од Сребреница, ве охрабрувам сите да се ангажираме за тоа минатото никогаш да не се повтори. Да го претвориме сеќавањето не само во изградба на споменици, туку и во создавање на поправедни, посензитивни и похумани општества“, порача Гаши.

По говорот на претседателот на Собранието на РСМ, во рамките на меѓународната конференција следуваа три сесии со учество на универзитетски професори и експерти од земјава, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Бугарија, Туркије и Обединетото Кралство.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости