Германија со најнизок наталитет од 1997 година: Во 2025 се родиле најмалку деца по Втората светска војна

Германија бележи најниска стапка на наталитет од 1997 година, покажуваат најновите податоци на Федералниот завод за статистика. Во 2025 година, вкупната стапка на фертилитет изнесувала 1,32 деца по жена, што е пад од 2,7 проценти во споредба со 2024 година, кога изнесувала 1,35.

Стапката на наталитет континуирано опаѓа од 2022 година, а последен пат била на слично ниско ниво пред речиси три децении, кога изнесувала 1,33.

Според конечните податоци, во Германија минатата година се родиле 654.241 деца, што претставува најмал број новороденчиња по Втората светска војна.

Статистичарите објаснуваат дека причината е демографската структура. Генерацијата родена во средината на 1990-тите, кога наталитетот достигнал историски минимум од 1,24 деца по жена, денес претставува релативно мал број потенцијални родители.

Постојат и значителни регионални разлики. Во источните покраини стапката на фертилитет изнесувала 1,22, додека во западните 1,34 деца по жена.

Најниска стапка е забележана во Саксонија, со 1,16 деца по жена, што е најслабото ниво од 1998 година. Највисока стапка има Долна Саксонија, со 1,38, иако и таму за првпат од 2009 година е забележан пад под прагот од 1,40.

Разлики има и според државјанството. Кај жените со германско државјанство стапката на фертилитет паднала на 1,20 деца по жена, што е најниско ниво од 1996 година. Кај жените со странско државјанство стапката е повисока и изнесува 1,78, но и таа бележи пад од 3,3 проценти во однос на 2024 година, кога изнесувала 1,84.

Со исклучок на краток прекин во 2021 година, наталитетот кај жените со странско државјанство бележи континуиран пад уште од 2017 година.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости