🇲🇰 🇮🇱 Муцунски: Македонија сака да биде „порта кон Европа“ за израелските туристи и компании

Северна Македонија има амбиција дополнително да ги зајакне односите со Израел преку продлабочување на економската, туристичката и безбедносната соработка, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за израелскиот весник „The Jerusalem Post“.

Во интервјуто, дадено за време на неговата прва официјална посета на Израел како министер, Муцунски посочи дека Северна Македонија има потенцијал да се позиционира како влезна точка кон европскиот пазар за израелските туристи, компании и инвеститори.

✈️ Во фокусот е воспоставувањето директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид. Според Муцунски, директната воздушна врска би придонела за зголемување на туристичката размена, олеснување на деловните контакти и продлабочување на економските врски меѓу двете земји.

„Една од првите теми за кои разговаравме беше можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид, кој е нашиот главен туристички центар и град за кој верувам дека секој Израелец би сакал да го посети“, изјави Муцунски.

🇲🇰 „Сакаме да бидеме порта кон Европа“

Муцунски нагласи дека плановите не се ограничуваат само на туризмот. Според него, стратешката положба на Северна Македонија, која се наоѓа на трасите на европските транспортни коридори VIII и X, како и инвестициите во енергетската поврзаност, создаваат можности за привлекување израелски компании и инвестиции.

„Сакаме да бидеме порта кон Европа не само за израелските туристи, туку и за израелските компании. Можеме да бидеме и влезна точка за израелските инвеститори кон европски пазар“, порача министерот.

Покрај туризмот и економијата, како области со потенцијал за продлабочување на соработката се наведуваат земјоделството, управувањето со водите, безбедноста, иновациите, здравството, образованието, инвестициите и одбранбената индустрија.

Муцунски истакна дека одличните билатерални односи со Израел треба да се подигнат на повисоко ниво преку поконкретна соработка во повеќе области од заемен интерес.

„Од формирањето на Владата, билатералните односи со Израел ги поставивме како еден од приоритетите на нашата надворешна политика“, истакна тој.

Во интервјуто беше посочена и засилената политичка комуникација меѓу двете земји во изминатиот период, вклучително и посетата на парламентарна делегација предводена од пратеничката Рашела Мизрахи, која во јануари остварила средби со претседателот на Кнесетот Амир Охана и други израелски претставници.

Според Муцунски, неговата посета на Израел претставува можност за дополнително надградување на позитивната динамика во билатералните односи, со акцент на посилни економски врски, поголема туристичка размена и нови инвестиции и деловни можности.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости