Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган се фотографираше со градоначалничката на општина Михалгази, Зејнеп Гунеш Акгүн, како и со група жени кои присуствуваа на состанокот на пратеничката група на АК Партијата во Анкара.
Настанот привлече внимание откако градоначалничката претходно беше мета на навреди на социјалните мрежи поради нејзиниот традиционален начин на облекување, вклучувајќи шалвари и народна облека карактеристична за руралните делови на Турција. По реакциите, турските власти отворија истрага против лицето кое упати навредливи коментари.
Како знак на поддршка, околу стотина жени од регионот на Михалгази пристигнаа во Анкара облечени во традиционална облека и присуствуваа на партискиот состанок, по што беше направена и заедничка фотографија со претседателот Ердоган.
Ердоган во својата изјава ја осуди дискриминацијата врз основа на облеката и нагласи дека традиционалниот изглед претставува дел од културното наследство на анадолските жени и не смее да биде причина за навреди или политички напади.










