Турскиот весник „Хуријет“ објави дека за време на вчерашната расправа во грчкиот парламент за буџетот за 2026 година, министерот за одбрана Никос Дендиас уште еднаш ја опишал Турција како „прва и главна закана“ за Грција.
Според написот, Дендиас изнел конкретни бројки, наведувајќи дека Турција издвојува околу 28,7 милијарди евра за проекти поврзани со националната одбрана, додека Грција се обидува да одржи рамнотежа со 6 до 7 милијарди евра. Оваа разлика, како што истакнал, претставува реална безбедносна закана, а не теоретска проценка, додавајќи дека другите потенцијални ризици не треба да бидат приоритетна грижа.
Грчкиот министер нагласил дека програмата „Агенда 2030“ не е само политички слоган, туку суштински процес на реструктуирање на одбранбениот систем, кој вклучува нова воена доктрина, реформи во армијата, развој на домашната одбранбена индустрија и инвестиции во човечкиот кадар. Одбраната, според него, е „цената на слободата“.
Дендиас посочил и на, како што го нарекол, парадоксот во рамките на НАТО, каде што, според грчката позиција, главната закана за Грција доаѓа од земја-членка на Алијансата – Турција.
Дополнително, „Хуријет“ пренесува дека Дендиас предупредил и на ризиците од вклучување на Грција во европските планови насочени против Русија, оценувајќи дека главниот безбедносен предизвик за земјата доаѓа од исток, а не од север или североисток.





