Фотографот и новинар од Газа, Шади Абу Сидо, кој во март 2024 година беше киднапиран од израелските сили во болницата „Шифа“, по две години тешка тортура и затвор конечно беше ослободен.
Во текот на неговото заробеништво, израелските чувари постојано му повторувале лаги дека неговото семејство е убиено, со цел целосно да му ја скршат моралната сила. Но, Сидо не се предаде. Денот кога се врати дома, од скалите на својот дом во Газа го пречекаа неговата сопруга, децата и родителите – сите живи и здрави. Топлите прегратки и солзите од радост за миг ја избришаа двегодишната темнина.
Во своето прво обраќање по ослободувањето, тој ја опиша суровата реалност на израелските затвори:
„Две години сум гладен. Гладен влегов, гладен излегов. Се колнам, не јадеме и не пиеме. Болни сме, ден и ноќ трпиме тортура. Секојдневно сме изложени на физичко и психичко малтретирање. Ни се закануваат со нашите деца.“
Случајот предизвика големо внимание во светската јавност и повторно ја отвори темата за систематската тортура во израелските затвори. Многу медиуми укажаа дека приказните на израелските заробеници секогаш добиваат простор во меѓународната јавност, додека страдањата на илјадници палестински затвореници често се игнорираат.
Моментот кога Абу Сидо повторно ги прегрна своите најблиски стана симбол на истрајноста на палестинскиот народ, кој и покрај децении репресија продолжува да стои исправен.
„Ние таму умиравме по илјада пати секој ден, но не замолкнавме. Подигнете го гласот за слободата на сите што останаа во тие ќелии“, порача новинарот.





